За Пријателите на Шара
Иницијативата за Шар Планина да се прогласи за национален парк е започната уште 1994 година. Членови на Македонско еколошко друштво, беа вклучени во оваа иницијатива уште од нејзините почетоци. Во периодот од 2000-2015 година МЕД спроведе различни проекти за зачувување на природата во шарпланинскиот регион како и за вклучување на локални чинители во процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк. Сепак сиве овие години вклученоста на локалното население во овој процес беше ограничена или многу мала. Токму поради овие причини МЕД заедно со Еуронатур од Германија а во рамки на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку одржливо управување со ресурсите на Шар Планина“ спроведуван од 2015-2018 година и финансиран од Германската федерална фондација за животна средина (DBU) го иницираше формирањето на „Пријателите на Шара“ како неформална мрежа на здруженија од полошкиот регион што ќе спроведува кампања за поддршка на иницијативата Шара да се прогласи за национален парк и ќе обезбеди активно учество на јавноста во целиот процес. Платформата беше формирана со потпишување на меморандум за соработка меѓу четирите основачки организации во мај 2015 година. Меморандумот за соработка е обновен во 2020 година а основачки здруженија на „Пријателите на Шара“ се: Македонско еколошко друштво од Скопје, планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово, Центарот за едукација и развој од Теарце и Иницијатива за граѓански интеграции – ИГИ од Гостивар.
Задачите на платформата се следните:
а) да го поддрржи процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк,
б) да ја поддржи работата на идниот национален парк во извршување на неговите задачи во полето на зачувувањето на природата, едукацијата за животната средина, активности со рурален туризам и други алтернативни форми на туризам, односи со јавноста како и околу организирање на рекреативни активности, да истражува и документира,
в) да ја подигне јавната свест за придобивките што може да ги има локалното население од прогласувањето на Шар Планина за национален парк,
г) да ја поврзе Шар Планина со регионалната еколошка мрежа и
д) да ја подобри соработката со други големи заштитени подрачја, чинители за зачувување на природата, мрежи на организации и здруженија во и надвор од земјата.
Задачите се однесуваат на организирање на јавни, културни и научни настани коишто се поврзани со заштитата на животната средина, пределите, природата и заштитата на видовите преку давање на стручни совети, развој на туризам и рурален развој, логистичка поддршка на настани поврзани со едукација за животна средина, практични совети за мерки за зачувување на природата како и подготовка и споделување на едукативни материјали и публикации од работата на Платформата.
Мисија: Правилно управување и зачувување на природните ресурси во регионот Шара-Кораб-Коритник преку едукација и ѓраѓанско вклучување.
Визија: Шара-Кораб-Коритник е регион со зачувана и разновидна природа во хармонија со луѓето
Слоган: Шара – нашиот природен дом
Информативната канцеларија – седиштето на платформата се наоѓа во канцелариите на Центарот за едукација и развој (ЦЕД) во Теарце, стара училишна зграда 1224 Tеарце